Премиерлигата е спремна за рестарт: Нема заразен од Ковид-19 по четвртото тестирање

Англиската Премиерлига е подготвена за рестарт на сезоната откако најубавата можна вест веќерва ја соопштија од Островот, дека по четвртиот круг на тестирање на фудбалерите нема ниту еден позитивен на новиот вирус Ковид-19.

Претходно во Премиерлигата беа спроведени три тестирања и беа направени 2.700 тестови од кои 12 лица беа позитивни на коронавирус, дел од фудбалерите, дел од управите на клубовите, а сега по четвртата рунда сите тестови покажаа негативни резултати.

Масовното тестирање на премиерлигашите е по протоколот за враќање на фудбалските активности по најригорозни безбедносни мерки, па откако Велика Британија објави дека од 1 јуни може да се продолжи со спорт, веќе е јасно дека на 17 јуни ќе се рестартира највозбудливата лига на светот и ќе се доиграат преостанатите девет кола од сезоната, а ќе има разврска и во ФА-купот.

За разлика од Премиерлигата, тестирањето досега во Чемпионшип дивизијата, каде македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски со Лидс се надеваат на рестарт за да го верификуваат пласманот во Премиерлигата отиде чекор наназад, после 17-те позитивни случаи кои се покажаа по тестирањата. Десет од овие позитивни се во осум клубови од Чемпионшип, а седум од три клуба во Лига 2.

Премиерлигата беше прекината на 14 март откако менаџерот на Арсенал, Микел Артета беше позитивен на коронавирус.