Премиерлигашите викендов ќе носат врвки во бои на виножитото! (ВИДЕО)

Премиерлигата викендов прави храбар гест со кој гласно ја поддржува борбата против хомофобијата.

Фудбалерите на сите екипи во ова 13. коло од Премиерлигата ќе носат врвки во боите на виножитото на своите копачки. Со тоа ќе ја изразат поддршката за сите спортисти кои се хомосексуалци, ќе ја осудат дискриминацијата и ќе порачаат дека спортот е за сите.

„Поентата на Премиерлигата е во возбудата, страста и непредвидливиот фудбал кој е за сите насекаде. Кампањата ‘Виножито врвки’ ја надополнува работата на клубовите за промоција на инклузијата и разновидноста на нивните стадиони и на сите нивоа во овој спорт. Нашата поддршка на кампањата и одлуката да станеме дел од ‘Тимот гордост’ е уште едно признане дека ЛГБТ-заедницата е витален и интегрален дел од нашето општество“, вели извршниот претседател на Премиерлигата, Ричард Скудемор.