Полицијата ќе го „штити“ Алиоски од навреди и закани на социјалните мрежи!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Езџан Алиоски, и денеска е во центарот на вниманието на англиската јавност, откако стана мета на гневните фанови на Арсенал, кои го сметаат одговорен за исклучувањето на Николас Пепе на синоќешниот дуел против Лидс.

Македонецот го испровоцира Пепе, дојде до кошкање, по што фудбалерот на „топчиите“ го удри со глава нашиот фудбалер поради што доби црвен картон. Двајцата веднаш по мечот почнаа да добиваат навреди и закани на социјалните мрежи, што наиде на осуда од двата клуба, но и што е најавено дека ќе биде истражено и од полицијата.

„Лидс нема да ги толерира грозните навреди упатени кон Алиоски и Пепе на социјалните мрежи по синоќешниот натпревар со Арсенал. Ќе соработуваме со полицијата и фудбалските власти за да се осигураме дека овие индивидуи ќе бидат идентификувани и казнети“, гласи соопштението на Лидс.

Во сличен контекст е и реакцијата на тимот од Лондон.

„Ги осудуваме грозните навреди кон Пепе и Алиоски на социјалните мрежи по нашиот натпревар против Лидс. Ова е неприфатливо и ќе соработуваме со полицијата и властите и ќе сториме се што можеме за да се пронајдате виновниците и да се казнат“, изјавија од Арсенал.

Средбата на „Иланд роуд“ заврши со резултат 0-0.