Покетино по секоја цена го сака Деле Али за засилување во ПСЖ

Аргентинскиот стратег Маурисио Покетино, актуелниот кормилар на европскиот вицепрвак Пари Сен Жермен по секоја цена сака да го донесе англискиот репрезентативец Деле Али од лондонски Тотнем, кој е во немилост и без преголема минутажа кај Жозе Мурињо.

Покетино многу добро ги знае квалитетите на Деле Али, зашто му беше тренер во Тотнем и во периодот на најголеми успеси на клубот, кога лондончани стигнаа до финале во ЛШ, англискиот фудбалер за врска беше еден од клучните играчи во тимот. Но, после смената на тренерското столче и доаѓањето на Мурињо, Деле Али не е во прв план, па негов трансфер веќе од поодамна се најавува.

Според последните најави, постои желба за трансфер, ама само на заем до крајот на сезонава, но наводно не се преговара за продажба и сето тоа е заглавено зашто лондончани решиле додека не најдат замена, лесно да не се откажат од репрезентативецот.

Деле Али сака да замине од Тотнем од причина што ако има мала минутажа, можно е да извиси и од списокот на репрезентацијата за претстојното Евро 2021 летово.