Подгответе се за фудбалски фестивал: Познати термините за мечевите во Премиерлигата!

Англиската Премиерлига чека зелено светло од властите за тимовите да продолжат со колективни тренинзи, што е последната пречка пред рестартирање на сезоната која е предвидено да продолжи на средина на јуни, а според најавите од телевизиите кои ги имаат ТВ-правата, нè очекува фудбалски фестивал пред малите екрани.

Како што објавија низа англиски медиуми, кои го виделе распоредот за преносите од мечевите од најсилната островска лига, во план е да се играат мечеви во пет термини и практично фудбалските фанатици да не се мрднат од пред телевизорите цели десет часа. Според планот, мечеви ќе се играат во 13, 15, 17, 19 и 21 часот по македонско време.

Планот предвидува дека Премиерлигата ќе започне со вечерен меч во петок, а потоа забрзано ќе се игра за да се заврши сезоната во која најголемиот дел од клубовите имаат уште девет меча за играње, а само мал дел – десет. Засега нема најави за ФА Купот и термините кога би се играле.

Но, сето ова треба официјално да биде потврдено од Премиерлигата, кога таа ќе објави и дефинитивно дека ќе стартува со продолжение на сезоната, која од 13 март е во прекин поради пандемијата со коронавирус, а Велика Британија е најпогодената земја во Европа.

Вкупно на телевизија ќе се пренесуваат 92 меча кои останаа да се доиграат за да се комплетира сезоната.