Почнува Премиерлигата: Ќе ја урне ли Гвардиола лошата традиција цела деценија?

Цела една деценија ниту еден клуб не успеал да ја одбрани шампионската титула во најатрактивната фудбалска лига на светот, англиската Премиерлига, која денеска почнува со воведниот дуел на Манчестер јунајтед и Лестер (21 часот) со што по 88 дена пауза стартуваат возбудувањата на Островот во никогаш поизрамнетата сезона.

Свежи се сеќавањата од неверојатната сезона од соништата во 2016 година кога Лестер стана англиски шампион, па без оглед што големата и најбогата шесторка повторно е во фокусот, англиската јавност не ја исклучува можноста за сензација, иако во преден план за трофејот се стандардните кандидати за круната – Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотнем. Според обложувачниците, Сити е прв фаворит, пред Ливерпул и Јубајтед, но тоа што е сигурно е дека 19 премиерлигаши од денеска го започнуваат ловот на „граѓаните“ во обид да го детронизираат актуелниот владетел на Островот.

Првото прашање кое веќе на стартот се поставува е дали традицијата ќе продолжи или актуелниот шампион Манчестер сити со Пеп Гвардиола на клупата и извонредниот и скап тим ќе ја прекинат истата и ќе напишат нова историја. Гвардиола со Сити во минатата сезона постави еден куп рекорди и доминантно се круниса за англиски владетел, но пред „граѓаните“ сега е уште потешка задача во сезоната во која влегуваат како први фаворити. Тоа што е предност за нив е фактот дека тимот е комплетно задржан и само дополнително освежен со доаѓањето на Алжирецот Ријад Марез, купен за 67 милиони евра од Лестер. Прв испит за шампионскиот состав сезонава е дербито на стартот и гостувањето кај Арсенал на „Емирати“ в недела од 17 часот.

Најтрофејниот англиски клуб Манчестер јунајтед во минатата сезона заврши како втор, но прашање е сега, дали „црвените ѓаволи“ предводени од Жозе Мурињо имаат капацитет за врвот и за титулата особено што само три засилувања дојдоа на „Олд Трафорд“, а португалскиот менаџер бараше уште два гледајќи како се засилуваа останатите ривали. Во Јунајтед дојде Фред од Шахтер за 59 милиони евра и младиот десен бек од Порто, Диого Далот за 22 милиони евра. Мурињо на хартија има одличен тим, кој лани покажа многу фалинки, кои се очекува сега една година повоиграни да бидат посилни. Сепак, барем според англиските стручњаци, „црвените ѓаволи“ на листата кандидати за титулата не се на самиот врв.

Ако некој најмногу пазареше, па дури и низ мечевите покажа дека ќе биде сериозен конкурент за премиерлигашката круна на Манчестер сити, дефинитивно е Ливерпул, чиј менаџер Јирген Клоп потроши 180 милиони евра. „Црвените“ конечно најдоа врвен голман во Алисон од Рома, платен 62,5 милиони евра, дојде Фабињо како засилување во средниот ред, па Џердан Шаќири како десно крило, Наби Кеита како засилување од Лајпциг во средниот ред и плус напаѓачкото трио е зацементирано со Мане, Фирмињо и Салах. Сето ова формира страшен тим со силен квалитет, кој по неполни три децении ќе се обиде да ја врати титулата на „Енфилд роуд“.

Иако некако во втор план се трите лондонски премиерлигаши, Челси, Арсенал и Тотнем, воопшто и не треба да се исклучат од трката како главни фаворити за круната, без оглед што барем вака на хартија двата клуба од Манчестер и Ливерпул барем за нијанса ги ставаат како први фаворити.

Лондонски Челси сезонава ќе има една предност што нема да се троши премногу во елитната ЛШ, по катастрофалната сезона лани, што значи дека „сините“ можат многу повеќе да се посветат на враќањето на трофејот на „Стемфорд бриџ“. Во сезоната влегуваат со нов менаџер во Мауриџио Сари, но со низа промени. Доаѓањето на Кепа Аризабалага за светски рекорден трансфер како замена заТибо Куртоа (замина во Челси), потоа освежувањето на средниот ред со Матео Ковачиќ и со Жоргињо и пред се задржувањето барем засега на Еден Азар, лондончани ги прават повторно тим за респект и за највисок пласман. Ако, нешто е барем на почеток проблематично, е позицијата центарфор во која Сари ќе се обиде да ги врати во голгетерски ритам Алваро Мората и Оливие Жиру, како напаѓачи на овој тим.

По 22 години Арсенал почнува ера без Арсен Венгер, со Унај Емери на кормилото и со тим, кој делува моќно, но повторно остава сомнеж дека „топчиите“ може да се борат за титулата. Арсенал летово донесе нов голман во Бернд Лено, го засили средниот ред со големиот борец Лукас Тореира, десната бековска позиција со Стефан Лихтштајнер и стоперската позиција со Сократис Папатастопулос. Но, ако нападот делува фантастично со Обемејанг и Михтарјан како поддршка за Лаказет, а Месут Озил со својата функција на плејмејкер, повторно дефанзивата е проблематична и неимпресивна, но под палката на Емери ќе треба да докажат дека имаат вистински квалитет за да одиграат добра сезона. Дали има Арсенал капацитет за врвот ќе се покаже уште на сартот со дербито против првакот на „Емирати“.

Тотнем некако доаѓа како последен на листата на фаворити, најмногу затоа што преодниот рок го ставија во втор план, поради инфрастуктурните проекти вредни една милијарда фунти со изградбата на „нов Вајт Харт Лејн“ (се проиширува постоечкиот), како и изградба на нов тренинг-камп. Сепак, Маурицио Покетино го има истиот тим од лани, со Хери Кејн како предводник на тимот. Прашање е дали Тотнем е кадарен за поголем дострел од само битка за место во првите четири кои носат место во Лигата на шампионите.

И тука некаде завршува листата на кандидати за титулата, но по одработениот преоден рок Евертон, Вст Хем и посебно Фулам составија екипи, кои може да направат изненадување, како тоа што лани го стори Барнли и по 1966 година, малиот тим успеа да се избори за Европа, па да изненадат со висок пласман на табелата во новата сезона.

Веќе отсега во прогнизите за новата сезона, Брајтон, Вотфорд, Хадерсфилд, Кардиф, Саутемптон и Њукасл се посочуваат како екипи кои грчевито ќе се борат за опстанок. Но, Англија одамна покажала дека прогнозите, имињата не играат, туку игра одлучноста и мотивацијата, како во бобата за титулата, Европа, така и за опстанокот. Тоа што е сигурно е дека од денеска нè очекува нова фудбалска возбуда буквално секоја недела.

ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО

ПЕТОК: Манчестер јунајтед – Евертон (21 часот)

САБОТА: Њукасл – Тотнем (13.30 ч.), Бормут – Кардиф, Фулам – К. Палас, Хадерсфилд – Челси, Вотфорд – Брајтон (сите од 16 ч.), Вулверхемптон – Евертон (18.30 ч.)

НЕДЕЛА: Ливерпул – Вест хем, Саутемптон – Барнли (14.30 ч.), Арсенал – Манчестер сити (17 ч.)