По срамот со Реал, нов удар за Барса: Каталонците првенството ќе го почнат и без Луис Суарез!

Шпанскиот фудбалски гигант Барселона по двата порази во само неколку дена од најголемиот конкурент Реал Мадрид во Суперкупот и заминувањето на Нејмар во ПСЖ, се соочува со голем проблем и тоа поради повредата на напаѓачот Луис Суарез.

Уругваецот го повреди десното колено пет минути пред крајот на синоќешниот реванш-дуел против „кралевите“ на „Сантијаго Бернабе“ поради што најмалку пет недели ќе биде надвор од теренот. Тоа значи дека Суарез сигурно нема да биде во тимот на Барса на средбите против Бетис, Алавес, Еспањол и против Гетафе како и во воведното коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Поради оваа повреда тој ќе пропушти и две средби за Уругвај и тоа против Аргентина и Парагвај во рамки на квалификациите за СП 2018 во Русија.