Педро го оперираше рамото, ќе го пропушти стартот на новата сезона во Рома

Шпанската ѕвезда Педро Родригез кој несреќно се повреди во последните секунди од финалето во ФА-Купот за Челси, откако веќе договори трансфер во Рома, ќе го пропушти стартот на новата сезона во Калчото откако го оперираше рамото.

Шпанецот, екс-фудбалер на Барселона, се повреди во судиското надополнување од финалето и денеска бил опериран.

Педро има дислокација на рамото, па сега после хируршкиот зафат ќе мора да помине шест недели во рехабилитациски процес, а дури потоа да почне да тренира, што значи дека нема шанси да биде подготвен за стартот на новата сезона. Италијанското Калчо би требало да почне на 19 септември, а Педро според најавите најрано би можел да почне да игра за „волчицата“ од почетокот на октомври, но ќе има доволно време да се прилагоди на новиот живот.

Шпанецот во Челси мина пет години, а си заминува од Лондон како слободен играч.