Пауло Дибала се сели во Ливерпул, Јувентус ќе ги купува Де Јонг и Жоргињо?

Аргентинската ѕвезда Пауло Дибала можно е да се пресели во Ливерпул по завршување на сезоната, откако на негова адреса стигнала исклучително богата понуда, а менаџерот Јирген Клоп сака да го види плејмејкерот во својот тим за идната сезона.

Сагата со Дибала и останувањето во Јувентус е бескрајно, па допрва треба да има нова рунда на преговори за нов договор, откако досегашните обиди на „старата дама“ пропаднаа во изминативе две години, па многу поблизу е Аргентинецот да си оди отколку да остане во Торино.

Тој веќе седум години е дел од Јувентус, а италијански медиуми најавуваа дека веќе е заситен и сака нов предизвик, па Интер се споменуваше како опција што дополнително ги зовре страстите кај навивачите на „старата дама“, а и самиот Дибала си го навлече гневот откако реши да не слави на погодок.

За идниот месец и почетокот на март се закажани преговорите за новата соработка, но проблемот е што постои голема разлика од тоа што Дибала го бара за плата, а торинскиот великан го нуди.

Од друга страна, Јувентус веќе направил план за летниот преоден рок во кој приоритет на „старата дама“ е да купи два извонредни фудбалери за врска, Френки де Јонг од Барселона и Жоргињо од Челси, инаку италијански репрезентативец.

Јувентус планира сериозна реконструкција на тимот, а зимава е во исчекување на официјализацијата на трансферот на Душан Влаховиќ во нападот.