Пашалиќ со хет-трик ѝ донесе лесна победа на Аталанта, одново стрелаше и Влаховиќ (ВИДЕО)

Фудбалерите на Аталанта го продолжуваат „теророт“ врз противниците од Серија А, откако вечерва, лесно и убедливо, на домашен терен ја совладаа Венеција (4-0), што беше четврти по ред триумф за овој тим во италијанскиот шампионат.

Најзаслужен за лесните три бода за екипата од Бергамо беше хрватскиот интернационалец Марио Пашалиќ, кој постигна хет-трик. Неговите први два погодока дојдоа веќе во седмата и во 12. минута од средбата, со што речиси го реши победникот, додека третиот го реализира во 67. минута. Десет минути претходно, во листата стрелци се запиша и Копмејнерс. Аталанта сега повторно е изедначена со Интер на делба на третата позиција на табелата со по 31 бод, со тоа што актуелниот првак има меч помалку.

Сигурен триумф оствари и Фиорентина во дуелот со Сампдорија (3-1), во меч во кој победникот беше решен уште во првото полувреме. Каљехон ги начна гостите во 23. минута, девет минути подоцна одново во листата стрелци се запиша српскиот голгетер Влаховиќ, додека Сотил во 45. минута го постигна и третиот гол за домаќинот. Гостите, сепак, први поведоа уште во 15. минута преку Габиадини, но со тоа како да ги налутија „виолетовите“.

Фиорентина со овој успех дојде до шестата позиција со 24 бодови и остана единствен тим во Серија А без ниту едно одиграно реми (осум победи и седум порази).