„Пандев каде и да игра(ше) во Калчото покажа дека е голем квалитет, а многу е - потценет“

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев ја игра практично последната сезона од својата кариера, која започна од 2001 година кога како младинец од Беласица дојде во младинскиот погон на Интер, а потоа успеа во деценија ипол калчолигашка кариера да се запише во историјата на италијанската Серија А.

Делио Роси, неговиот тренер во римски Лацио, за италијанските медиуми посочи дека неразбирливо Пандев го потценуваат на Апенините и покрај извонредната кариера и квалитетот што секаде го покажувал, бидејќи многу малку е во фокусот на италијанските медуми, во однос на останатите фудбалери во Калчото.

„Многу ми е драго кога зборувам за Горан, зашто јас го гледав како расте, јас бев тој што го стави да игра и го натерав да игра за Лацио, кога ни го дадоа како вишок во замена за Дејан Станковиќ, кога овој замина во Интер. Но, јас во тоа дете кое дојде од младинскиот тим на Интер видов дека има многу голема вредност и квалитет. Посебно ме воодушеви што со Интер ја освои „триплетата“, што е само мерило плус за неговата вредност. И сега се покажува дека е многу важен и во Џенова, ама многу е потценет“, вели Делио Роси.

Пандев откако дојде во Италија, па после една калчо сезона на калење во Анкона, од 2004 година заигра за Лацио, по што веќе надмина 400 настапи во Серија А и е еден од малкумината странци со ваков потфат, а на пет гола е од магичните 100 погодоци во Серија А, за да влезе меѓу најдобрите сто стрелци на Чизмата.

Во кариерата освои сè, „скудето“, ЛШ и светска клупска круна со Интер, пет Купови со три тима (со Лацио една, по две со Интер и Наполи), два Суперкупа (со Интер и со Лацио), има младинска титула со Интер, титула со Галатасарај, иако одигра малку во единствената сезона надвор од Италија. За Македонија е фудбалер со најмногу настапи, 112 досега, а и најдобар стрелец – 35 гола.