Пандев, Елмас и Несторовски ќе играат во необични термини за Калчо-лигата?

Тројцата македонски репрезентативци Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи) и Илија Несторовски (Удинезе) со нетрпение ја чекаат официјалната потврда за рестерт на сезоната, која според најавите ќе биде на 13 или 20 јуни, а веќе сè поизвесно е дека ќе играат во необични термини во кои досега Италијанците – никогаш не играле.

Првиот план на Лега Калчо беа термините од 16.30, 18.45 и 21 часот, но калчолигашите и здружението на фудбалери не ги прифатија овие термини, особено првиот денски термин, со образложение дека премногу е топло за тогаш да се игра фудбал и дополнително да се ризикува со здравјето на фудбалерите.

Сега, како што објави „Кориере дело Спорт“, сопствениците на ТВ-правата веќе поставиле нов поприфатлив предлог за термините за мечевите, па сега 17 часо, 19.15 часот и 21.30 часот се новите термини во кои извесно е да се играат мечевите. Поради анализи, реклами, оставен е простор од 30 минути помеѓу еден и друг термин.

Сега останува да се види дали овие термини ќе бидат прифатени, ама на Италијанците сè нешто им смета, па сега медиумите тврдат дека последниот ноќен термин бил предоцна и гостинските екипи ќе морале предоцна да си дојдат дома.