Пандев е во најдобар тим на Интер на сите времиња! (ФОТО)

Пред 18 години, актуелниот капитен на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев замина како голобрадо момче од струмичка Беласица во милански Интер заедно со Ацо Стојков, како двајцата суперталентирани струмичани. После цело фудбалско полнолетство стигна до историски бројки од 400 меча во Калчото, а утре ќе го игра 100-от меч за репрезентацијата на Македонија.

Пандев во Италија тргна прво од младинскиот погон на Интер, а таму уште на стартот стигна до шампионската титула. Трансферот го направи во летото 2001 година, а после калењето во Специја и Анкона, замина во Лацио и во Интер се врати во епската 2010 година, во која освои сè – скудето, куп, Лига на шампиони, светска клупска титула.

Најугледниот фудбалски портал „Гол.ком“ избра европски тимови на сите времиња во најголемите европски и светски клубови според критериум - фудбалерите да произлегле од школата на клубот. И во тимот на Интер најде место и за – Пандев.

Иако струмичанецот не е комплетен производ на Интер, со оглед дека е дете на Беласица, каде што ги направи првите фудбалски чекори, веројатно едната година што беше дел од младинскиот погон на „нераѕурите“ беше доволна за да го сместат во идеалната 11-ка заедно со легенди како Џузепе Бергоми, Валтер Ѕенга, Џакинто Факети, Сандро Мацола, Габриеле Ориали, Марио Балотели...

Ова е големо признание за Пандев, кој севкупно дресот на Интер го носел две години (по една во младинска и сениорска конкуренција), но неговиот придонес на „Џузепе Меаца“ очигледно тешко се заборава.

Пандев под палката на Жозе Мурињо беше последната алка за историската 2010 година на миланскиот великан, нешто што португалскиот менаџер многупати досега го посочуваше.