Пандев добива нов тренер: Негов поранешен соиграч од Интер ќе ја води Џенова

Џенова вчера загуби со убедливи 5-1 на гостувањето кај Парма и остана на претпоследната позиција на табелата со само пет освоени бодови од осум натпревари во Серија А. 

Деновите на тренерот Аурелио Андерацоли се избројани, па Џенова веќе бара негова замена. Еден од главните фаворите за клупата е Џенаро Гатузо, но италијанските медиуми велат дека претседателот, Енрико Прециози има друга идеја.

Тој сака да му даде шанса на Тијаго Мота, кој своевремено играше во дресот на Џенова. Бразилецот со италијански пасош ја воскресна својата фудбалска кариера во дресот на џеновјаните откако си замина од Барселона. Потоа следуваше трансфер во Интер, каде го играше својот најдобар фудбал, а му беше и соиграч на Горан Пандев.

Двајцата беа дел од историската генерација на „нераѕруите“, кога под водство на Жозе Мурињо ја освоија „триплетата“ (Серија А, Куп на Италија и Лига на шампиони). Сега постои можност Мота да му биде тренер на Пандев, кој и на 37 години нема намера да се повлече од фудбалот.

Мота има мало тренерско искуство, бидејќи беше предводник на У19 тимот на ПСЖ, но моментално оди на тренерски курс во рамки на Италијанската фудбалска федерација.