Пак критики за Алиоски: Тој „живее“ во офсајд!

Два гола и три асистенции, па два гола за македонската репрезентација се фантастичен почеток за Езгјан Алиоски во новата сезона, но и добриот старт и добрите мечеви на македонското крило не секојпат ги задоволуваат чудните англичани, кои критикуваат за сè и сешто, а во најновиот случај и зошто постојано е во – офсајд.

Лидс во новата сезона по осум рунди е без пораз, па со право тимот предводен од Марсело Биелса е еден од главните кандидати за место во Премиерлигата, барем според прикажаното досега во сезоната. Но, англиските новинари веќе му порачаа на Биелса дека мора добро да ги простудира статистичките показатели и да обрне внимание на нив за да го подобри тимот во следниот период. Меѓу „најболните“ статистички показатели се – 13-те офсајди во кој се нашол Алиоски, кој има просек од повеќе по еден офсајд во осумте меча на кој е стартер.

Па тројца новинари, фриленсери за „Фудбал Лиг Ворлд“ го коментираат најголемиот проблем на Алиоски.

„Изненаден сум, многу изненаден. Претпоставувам дека ова ја покажува неговата желба да се најде во подобра позиција, ама офсајдот е непотребно предавање на поседот на противникот. Биелса ќе сака Алиоски да поработи на тој дел и аспект од играта“, вели Гери Хатчинсон.

Џорџ Даглес, потенцира дека Алиоски мора да го подобри и да биде поефективен во тој дел.

„Ова е нешто што мора да го реши. Алиоски веројатно е изложен на најголем ризик да излезе од нападот на Лидс, па поради тоа ќе мора да биде поефективен во тој поглед. Играчи како Џек Херисон го ловат неговото место“, вели Даглес.

Џеј Тејлор, вели дека фактот што Алиоски пречесто е во офсајд покажува два аспекти од играта на Македонецот.

„Може ова да се гледа од два аспекти. Прво дека е толку желен и заинтересиран да нападне, па тргнува прерано. Или второто дека неговото позиционирање е тотално погрешно. Но, може да биде мешавина од двете. Да се биде толку многу пати во офсајд е извор на фрустрација и доказ дека Лидс не е совршен. Алиоски има простор и темпо да игра зад последниот фудбалер, па ако поработи добро на тренинг, сето ова ќе биде минато“, вели Тејлор.