Ова е уметност: Ла Лига ја најави новата сезона со мајсториите на Меси и Барди (ВИДЕО)

Новата сезона во шпанската Ла Лига стартува за два дена, а во исчекување на почетокот на новата борба на Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и останатите клубови, меѓу нив и Леванте со македонскиот репрезентативец Енис Барди, најсилното шпанско клупско натпреварување на посебен начин го најави стартот – со мајсториите од слободен удар на Меси и на Барди.

Аргентинецот Меси во минатата сезона даде шест гола од слободен удар, само еден повеќе од Барди, кој пак се запиша во историјата на Ла Лига како најдобар дебитант, кој успеал да даде пет гола и како најбрз стрелец на два гола од слободен удар за точно 123 секунди против Атлетик Билбао.

„Ова е повеќе од фудбал. Ова е уметност“, објави Ла Лига со триминутно видео од евроголовите на двајцата најголеми мајстори за слободни удари во минатата сезона.

Барди во дебитантската сезона даде девет гола, пет од слободен удар и веднаш го привлече вниманието на низа гиганти, по што Леванте реши да договори нова соработка со подобар договор.