Ова е фудбалски бизнис: Атлетико изгради нов стадион, а за две години (ќе) го исплати!

Шпански Атлетико Мадрид од почетокот на минатата година игра на фантастичната „Ванда Метрополитано и црвено-белите како стојат работите својата голема инвестиција ќе ја вратат за – две години! Само за да покажат колку добро го владеат фудбалскиот бизнис.

Атлетико летово ги урна сите свои рекорди за трансфери и за купување и за продавање. Потрошија мадриѓаните 243 милиони евра на засилувања, од кои 126 дадоа само за португалскиот бисер Жоао Феликс. Но, инкасираа цели 311 милиони со продажбата на Ентоан Гризман (120 милиони), Лукас Ернандез (80), Родри (75)... Во плус се 68 милиони евра.

И пазете сега. Стариот стадион „Висенте Калдерон“ се простира на 63.076 квадратни километри. Истиот е срушен, ама имотот останува сопственост на клубот. Атлетико веќе продаде три парцели од вкупно 34.595 квадратни метри за 100 милиони евра. Им останаа уште 28.481 квадратен метар за продажба за кои би требало да добијат уште 80 милиони евра.

Сооглед дека „Ванда Метрополитано“ ги чинеше 265 милиони евра, две третини од парите (ќе) ги имаат од продаденото земјиште каде што беше „Висенте Калдерон“. Ако на овие пари се додаде заработката од трансферите од 68 милиони евра доаѓа дека за комплетна исплата им недостигаат уште 13 милиони евра за такво нешто. Тие пари со два меча во ЛШ од продадени билети практично би ги покриле.

А, допрва Атлетико од новиот стадион ќе треба да ги собира плодовите во бизнис секторот. „Ванда Метрополитано“ беше домаќин на последното финале во Лигата на шампионите помеѓу Ливерпул и Тотнем (2-0).