Откриени сите причини поради кои Мурињо доби клоца од „Олд Трафорд“

Контроверзниот португалски менаџер на англискиот великан Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, претпладнево доби отказ на „Олд Трафорд“ по три години минати на клупата на најтрофејниот англиски клуб.

Весникот „Манчестер Ивнинг Стандард“ денеска ги објави сите причини поради кои Мурињо е шутнат од клупата, но не станува збор само за слабите резултати и заостатокот од 19 бода зад лидерот Ливерул, а 11 бода зад местата кои водат во Лигата на шампионите.

Слабите резултати на Јунајтед ја прелиле чашата, но како што пишува весникот, многу подлабоки биле причините зашто управата на „црвените ѓаволи“ се решила да го смени „специјалниот“.

Најпрво раководството на Јунајтед било премногу разочарано од стилот и начинот на кој игра Мурињо, а сето тоа се надоврзува со потрошените преку 400 милиони фунти на засилувања (460 милиони евра). Секој фудбалер што дошол на „Олд Трафорд“ бил лично на барање на Португалецот, но сето тоа не донело ниту квалитет, ниту добра игра, а најмалку добри резултати.

Втора причина бил фактот што ниту еден од младите фудбалери на клубот, под раководство на Мурињо не се развивал во правец кој посакувале сите, па фудбалерите наместо да напредуваат, тие назадувале во изминатиот период.

И капак на сè бил фактот што Мурињо постојано потенцирал дека е незадоволен од трансфер политиката на клубот и дека потребни се нови засилувања, споредувајќи дека клубови како Манчестер сити и Ливерпул трошат многу повеќе пари на годишно ниво за засилувања, па имаат далеку поголем ростер и со тоа поголем квалитет во тимот, кој Португалецот наводно го немал.