Откриена вистинската причина зошто Роналдо дошол во Јувентус

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо направи џиноски трансфер и го потресе фудбалскиот свет со преминот од Реал Мадрид во Јувентус за 105 милиони евра, потпишувајќи четиригодишен договор со италијанскиот великан вреден 30 милиони евра по сезона, но доаѓањето на Апенините крие една друга тајна зошто Португалецот одбрал да се пресели во „старата дама“.

Иако медиумите објавија дека Роналдо бил незадоволен од тоа што Реал го игнорирал за покачување на платата, што бил незадоволен од тивкиот односот на „кралевите“ кон неговиот проблем со судската постапка за затајување на данок во Шпанија, изборот да се пресели во Јувентус има друга димензија и се однесува на даноците на дополнителните примања од неговите гигантски спонзорски договори.

„Не ми е жал што заминав од Реал. Во Јувентус дојдов зошто сакам нов предизвик. Играчите на моја возраст одат во Кина, а јас сум му благодарен на Јуве што ми ја даде оваа шанса“, рече Роналдо на промоцијата.

Но, зад целата операција најмногу се крие шансата Роналдо да избегне да плаќа големи даноци на своите приходи. Роналдо одамна е во војна со даночниците, а неодамна се спогоди со шпанските власти да ја плати казната за затајување на 18 милиони евра данок за да избегне затворска казна.

Тоа што е јавно познато, а го објави и „Форбс“ е фактот дека Роналдо многу повеќе заработува од спонзорските договори, во однос на платата и бонусите од клубот, а поради тоа беше во проблем во Шпанија. Но, сега со доаѓањето во Италија, Португалецот ќе ги избегне ваквите проблеми, од причина што италијанската Влада во минатата година донесе закон според кој, сите жители кои имаат пријавено претстој во земјата и работат во Италија не мора да плаќаат данок на парите што ќе ги заработат надвор од оваа земја. Должни се само да платат 100.000 евра на годишно ниво како паучал, а истото важи и за членовите на нивните семејства за која фиксната сума е 25.000 евра.

Едноставно преведено, Роналдо во Италија ќе плати 100.000 евра за околу 80 милиони евра што годишно ги заработува од спонзорските договори, за разлика од Шпанија, каде требаше да плати 40 отсто од приходите. Поради ова во проблем од поодамна се најдоа и Лионел Меси, Нејмар и уште низа други ѕвезди. Инаку сите тие спорови за затајување на данок во Шпанија се појавија откако на Пиринеите беше сменет законот за оданочување, а даночните власти се обидоа ретроактивно тој закон да го применат на фудбалските ѕвезди, кои инкасираат неверојатни милионски суми на пари.

Роналдо на доаѓање во Италија изјави дека Јувентус го одбрал и поради големата почит што ја добил од навивачите на овој клуб, кои со стоечки овации го поздравија неговиот мајсторски погодок со ножички во четвртфиналето во ЛШ