Окампос: Сакам да бранам на тренинг, но не верував дека ќе бранам на натпревар (ВИДЕО)

Севилја го совлада Еибар синоќа во рамки на Ла Лига со минимални 1-0 благодарение на голот на Лукас Окампос. Аргентинецот се промовираше како клучен играч во тимот по рестартот на сезоната, но освен што постигнува голови и асистира, вчера демонстрираше и други квалитетите.

Окампос не беше херој на андалузијците само поради постигнатиот гол, туку беше подеднакво важен и пред својот гол. Тој застана помеѓу стативите во последните четири минути од дуелот, откако голманот Томаш Вацлик се повреди. Тренерот Хулен Лопетеги ги имаше направено сите измени, па Окампос реши да го облече голманскиот дрес и да ги стави ракавиците.

Неверојатно, но крилниот фудбалер успеа да направи клучна интервенција во последните секунди од натпреварот, односно во 102-та минута и тоа фати удар на противничкиот голман Марко Дмитровиќ.

„Сакам да застанам на гол, кога на тренинг играме мал фудбал, но никогаш не сум помислил дека ќе бранам на натпревар“, рече Окампос по драмата на „Санчез Писхуан“. „Тренерот на голманите ми рече да застанам помеѓу стативите и имав интервенција“, додаде херојот на Севилја.