Официјално: Лопетеги нов тренер на Реал Mадрид!

Како гром од ведро небо - Хулен Лопетеги е новиот шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид.

Веста за именувањето на селекторот на шпанската репрезентација го потврди актуелниот европски шампион, објавувајќи дека потпишан е договор со Лопетеги до 2021 година, а дека на клупата на кралскиот клуб ќе седне по завршувањето на Мундијалот во Русија, каде ќе се обиде со репрезентацијата на Шпанија да ја врати круната.

Оваа вест е речиси исто толку шокантна колку и онаа кога пред две недели Зинедин Зидан поднесе оставка непосредно по освојувањето на третата Лига на шампиони во низа. Од тој ден голем број имиња се поврзуваа во врска со Реал, од Маурисио Покетино, Масимилијано Алегри, Арсен Венгер, Антонио Конте, Јоаким Лев...

А, потоа Флорентино Перез одлучи уште еднаш да ја шокира фудбалската јавност и на жешкото столче да го назначи некогашниот голман, кој за првиот тим на Реал бранеше само еден натпревар, иако од 1988 до 1991 година беше на платниот список на мадриѓаните.

Претходно три сезони помина во Кастиља, една беше на позајмица во Лас Палмас, а најдлабоки траги остави во Логроњес и Рајо Ваљекано. Интересно, три сезони беше и член на најголемиот ривал на Реал, Барселона (пет натпревари).

Иако пред еден месец потпиша нов договор со ФС на Шпанија, до 2020, јасно е дека по Мундијалот во Русија го напушта селекторското место и ќе им се посвети на клупските обврски.