Официјално: Атлетико ги продолжи договорите со Гризман и Ернандез!

Долг период траеше неизвесноста за иднината на Антоан Гризман, а откако претходно кажа дека останува во Атлетико Мадрид, денеска официјално потпиша нов петгодишен договор.

Гризман потпиша договор со важност до 30. јуни 2023. година, па така ги прекина шпекулациите за негова преселба во Реал Мадрид или Барселона.

Французинот минатата година одигра 49 натпревари и постигна 29 гола, како и 15 асистенции, па екипата од Мадрид е повеќе од задоволна со неговиот потпис на нов договор.

Во моментов не се откриваат повеќе детали и износот на неговата нова плата.

Освен него, Лукас Ернандез го продолжи договорот со екипата до 2024. година, па 22-годишниот играч останува во тимот на Диего Симеоне.

Ернандез минатата сезона одигра 44 натпревари, а еден од нив беше тој во финалето на Лигата на Европа во Лион, кадешто Лукас ги одигра сите 90 минути и му помогна на тимот да ја освои титулата.