Од Балевски и Спасовски до Чурлинов: Македонскиот талент е 18-от наш играч во Бундеслигата (ФОТО)

После четири години пауза откако Николче Новески, поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација замина во пензија, повторно Македонија има фудбалер во Бундеслигата, најсилната германска лига. Дарко Чурлинов, најмладиот макеоднски дебитант во репрезентацијата денеска го одигра првиот меч за Келн во една од петте најсилни лиги на светот.

Чурлинов дебитираше за Келн во поразот на стартот на новата сезона на гостувањето кај Волфсбург со 1-2, а доби шанса во 70-та минута од мечот, како награда за сѐ досега во младинскиот погон и добрата предсезона во која се наметна за да се избори да биде приклучен во првиот тим на „јарците“ за новата сезона.

Тој е 18-от македoнски фудбалер кој играл во Бундеслигата, почнувајќи од Ванчо Балевски и Методија Спасовски, две легенди на Вардар кои во сезоната 1976/77 играа во Карсруе и Сарбрикен, преку Дарко Панчев (Лајпциг и Фортуна Диселдорф), Саша Ќириќ (Нирнберг, Ајнтрахт), Митко Стојковски (Штутгарт), Тони Мицевски (Ханза Рошток, Енерги Котбус) до Игор Митревски (Енерги Котбус) и Александар Васоски (Ајнтрахт).

Многумина од овие 18 фудбалери од Македонија кои играле во Бундеслигата оставиле длабок и силен печат во Германија, со надеж дека и најмладиот макеоднски репрезентативец ќе има голема кариера во Келн и Бундеслигата.