Очекувана „нула“: Мајнц веќе се спаси, Херта полека оди кон сигурната зона (ВИДЕО)

Фудбалерите на Херта излегоа од 14-дневниот карантин поради големиот број заразени со Ковид-19, па почнаа со одигрување на заостанатите натпревари, меѓу кои прв беше на гости кај Мајнц (1-1).

Двата тима се во зоната за опстанок, па беше очекувано да се игра без преголем ризик, а заеднички е впечатокот дека на крајот сите беа задоволни со поделбата на пленот. Гостите од Берлин поведоа преку Тусар во 36. минута, додека Мвене со еврогол изедначи само четири минути подоцна. Второто полувреме не донесе апсолутно ништо, па на крајот средбата заврши со резултат 1-1.

Мајнц со овој бод остана на 12. место на табелата во Бундеслигата, со шест бода повеќе од првиот „под линијата“, Келн. Херта, пак, има 27 бодови, два помалку од „јарците“, но и два натпревари помалку, поради што шансите за опстанок им се сосема реални.