Нов екстра трансфер: Трајковски пред потпис со Спортинг Лисабон! (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски е многу близу да му стане соиграч на Стефан Ристовски во португалски Спортинг Лисабон, најави италијански експерт за трансфери, Алфредо Педула, повикувајќи се на релевантни информации.

Трајковски, кој четири години беше дел од сицилијански Палермо откако за еден милион евра дојде од белгиски Зулте Варегем, од поодамна бил на радарот на Спортинг, кои го следеле македонскиот офанзивец и сега имаат шанса буквално бесплатно да го ангажираат, откако Палермо доживеа крах и веќе извесно е дека ќе игра во четврта лига.

Според Педула, Трајковски треба да биде една од замените во офанзивниот дел на првата ѕвезда Бруно Фернандеш, кој повеќе од извесно е дека ќе си замине од Лисабон, а Спортинг добро ќе заработи после одличната сезона на фудбалерот за врска во која тој влезе во историјата како најефикасен среден играч во една сезона (30-на голови во сите натпреварувања).

Трајковски со Спортинг би требало да потпише четиригодишен договор и според експертот за трансфери, целата операција е многу близу до реализација. За денеска е најавено повеќе детали околу можниот трансфер.