Нов англиски премиерлигаш со арапски милијарди ќе станува – гигант!

Полубратот на шеикот Менсур од Манчестер сити, шеикот Халид бин Зајед Ал Нехјан ќе го купи премиерлигашот Њукасл и планира да го направи нов гигант со кој најсилната островска лига ќе стане посилна со уште еден сериозен клуб.

Англиските медиуми објавија дека претставник на шеикот Халид веќе е во завршни преговори со газдата на Њукасл, Мајк Ешли и дека е постигнат договор за купување на клубот за 350 милиони фунти и дека само деталите треба да се доработат за официјално да заврши процесот и црно-белите да добијат моќен газда кој има сериозни амбиции.

Според најавите примопредавањето на клубот и официјалната трансформација во управувачката структура треба да се случи летово, за време на летниот преоден рок, но најави се дека тренерот Рафа Бенитез ќе остане на клупата, ама ќе добие сериозна сума на пари за да изгради подобар тим.

Инаку шеикот Менсур од Манчестер сити и шеикот Халид се синови на емирот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Зајед бин Султан Ал Нехјан, кој е претседател на Емиратите, владетел на абу Даби. Халид е најмалиот од 19-те синови на главниот емир.

Инаку шеикот Халид беше заинтересираниот арапски милијардер кој со две милијарди фунти се обиде да го купи Ливерпул, но американските сопственици не сакаа да го продадат клубот од „Енфилд роуд“ и така пропадна најскапото купување на еден клуб на светот. Шеик од Саудиска Арабија, пак, за три милијарди фунти сакаше да го купи Манчестер јунајтед, но и тој обид пропадна откако семејството Глејзер се реши да останат сопственици на „црвените ѓаволи“.

Од првата шесторка на англискиот фудбал, Манчестер сити е сопственост на арапски милијардери, Ливерпул на американски, а Челси на рускиот тајкун Роман Абрамович, од кого почна лудилото со инвестиции во фудбалот од пред 15 години. Арсенал е англиско-американско-руска сопственост, Тотнем е единствен чисто англиски клуб според сопственичката структура, додека зад Манчестер јунајтед стојат американски газди.