Њукасл во финале првпат по две и пол децении! (ВИДЕО)

Клубот со најголем напредок во англискиот фудбал оваа сезона го потврди тоа и на дело. Њукасл обезбеди финале во англискиот Лига-куп совладувајќи го вечерва Саутемптон и во реваншот на сопствен терен, со 2-1. Популарните „страчки“ славеа со истиот противник и на гости со 1-0, пред една недела.

Не требаше долго Њукасл да ја наметне својата улога на фаворит, бидејќќи поведе уште по пет минути игра со голот на Лонгстаф. Истиот играч ја понесе славата и при вториот погодок, 16 минути подоцна, а целата возбуда беше концентрирана во првиот дел, бидејќи Саутемптон намали на 2-1 во 29. миута, по една грешка на домаќините. Стрелец беше Че Адамс.

Ова е прво големо финале за Њукасл, по 1999 година, кога играше завршница во ФА-купот. Но и тогаш загуби, па затоа последниот голем пехар во клубот датира уште од 1969 година, од Купот на саемски градови. За да го прекинат постот, во финалето ќе треба да го совладаат, најверојатно, Манчестер јунајтед, иако реваншот со Нотингем Форест треба да се комплетира утревечер. „Црвените ѓаволи“ носат предност од 3-0 од првиот круг.