Ним го посрамоти Марсеј среде „Велодром“ (ВИДЕО)

Ним дојде на аѕурниот брег со седум порази од последните осум меча без триумф, па тренаше Марсеј само рутински да го одработи мечот за три бода, но наместо тоа му се случи невиден срам и загуби на свој терен со 1-2 во француската Лига 1.

Никлас Елијасон со два гола за три минути од 55-та до 58-та минута го шокираше Марсеј, двапати на асистенција на Софан Алакуш, како казна за промашениот пенал на репрезентативецот на Франција, Флоран Товин во 35-та минута, па Марсеј дури во последните пет минути се врати во мечот, кога Дарио Бенедето го врати бившиот шампион во мечот, но предоцна за да се спаси од пораз.

Иако имаа десет минути за барем бод, пет до крајот и уште пет во судиското надополнување, Марсеј не успеа да направи ни шанса за да стигне до гол и барем до бод за да се спаси од срам.

Марсеј со поразот остана на 32 бода, осум зад Лион, кој е лидер засега, а седум зад ПСЖ и Лил, кои се на делба на второто место со по 39 бода. Ним, пак, со триумфот скокна на третата позиција одзади на табелата, два зад Нант кој е прв над зоната за испаѓање.