Ни шеиците, ни Абрамовиќ – најбогатиот фудбалски газда не е во „лига петка“

Модерната ера на најпопуларниот спорт фудбалот, за кого одамна се вели дека е најважната споредна работа на светот се претвори во 21 век во чист бизнис, каде се вртат десетици милијарди евра на годишно ниво. А, за сето тоа најмногу се виновни и богаташите низ светот, кои не штедат пари за својот клуб да го изградат во гигант.

И ако влезот на арапските петро-долари, пред се во Манчестер сити и ПСЖ, го навлекоа гневот на великаните, кои одеднаш станаа немоќни во битките на фудбалскиот пазар, зголемувањето на цените доведоа и до ненормални и тешко сфатливи трансфери од стотици милиони евра и подигнување на прагот за цена на просечен фудбалер најмалку за трипати во последната деценија. А, се тргна прво од Роман Абрамович пред деценија ипол и потоа како лавина, стотина богаташи почнаа со силни инвестиции во европскиот фудбал

Во светот на фудбалот моментно владеат богаташи, чии богатства се проценуваат на многу милијарди, ама интересно ниту шеиците во Сити и ПСЖ, а уште помалку Абрамович не се најбогатите. Најинтересно е што најбогатиот човек кој инвестира во фудбалот, нема клуб од најсилните пет лиги на Стариот континент, т.н. „лига петка“.

За најбогат во светот на фудбалот моментно се смета Дитер Матешиц, човекот кој има 49 отсто од австриски Салцбург. Газда е на компанијата Ред Бул, која сега има два клуба, Салцбург и Лајпциг во Германија. Богатството му се проценува на 17,8 милијарди фунти. Ако во Австрија е омилен, во Германија е најомразен, зашто Германците не сакаат такви богаташи да им го уриваат фудбалот. Но, со Салцбург сè уште чека на настап во ЛШ, за разлика до Лајпциг со кој веќе го оствари тој сон.

Зад Матешиц се наоѓа шеикот Менсур, првиот човек на Манчестер сити, кој веќе има ивестиција во седум други клубови и само во Африка нема „филјала“ на англискиот премиерлигашки шампион. Богатството му се проценува на 17 милијарди фунти. Трето е семејството Ањели, кое со децении е спонзор на италијанскиот Јувентус со богатство од 10,4 милијарди фунти.

Меѓу десетте најбогати фудбалски газди е и Филип Аншуц од ЛА Галакси (САД) со богатство од 10 милијарди фунти, Роман Абрамович од Челси е петти со 8,3 милијарди фунти, следи Стен Кроенке од Арсенал со 6,4 милијарди фунти, па Насер Ал Келаифи од ПСЖ со 6,2 милијарди фунти, Шахид Кан од Фулам со 5,4 милијарди фунти, Стивен Жанг од Интер со 5,2 милијарди фунти и Џо Луис од Тотнем со 3,8 милијарди фунти.