„Невозможно е Азар да си замине од Челси“

Откако Тибо Куртоа си замина од лондонски Челси потпишувајќи за европскиот првак Реал Мадрид, неколку медиуми и понатаму продолжуваат со приказната дека на белгискиот голман до крајот на месецот може да му се придружи и сонародникот Еден Азар, за кого „кралевите“ исто така беа заинтересирани.

Преодниот рок во Англија заврши вчера, а Челси се засили со Матео Ковачиќ од Реал и најскапиот светски голман Кепа Аризабалага од Атлетик Билбао, за кого „сините“ платија 80 милиони евра, со што на „Стемфорд бриџ“ се комплетираше тимот за саботниот воведен меч кај Хадерсфилд.

Менаџерот Маурицио Сари на новата тура шпекулации за иднината на Азар објави денеска дека такво нешто е – невозможно.

„Азар е со нас. Јас три-четири пати разговарав со него буквално за сè и Еден никогаш не спомна нешто за трансфер-пазарот. Тој е многу среќен што ќе остане тука. Мислам дека е невозможно во моментов да си оди. Пред се зошто трансфер-пазарот е завршен, а ние не можеме да направиме промена на така важен играч“, потенцира Сари.