Невил: Мислам дека на Тен Хаг му истече времето

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Гери Невил сега во улога на телевизиски коментатор, даде своја анализа на денешниот срамен пораз на „црвените ѓаволи“ од Тотенхем на домашен терен со 0-3.

Невил беше полн со критики, па и со навреди на сметка на фудбалерите, а особено за менаџерот Ерик Тен Хаг.

„Ова беше одвратно издание на Манчестер Јунајтед во смисол на трудот и квалитетот и на таа група фудбалери е да одговори на многу прашања претстојната недела. Мора да се донесат големи одлуки, мислам дека му истече времето на Тен Хаг“, рече, меѓу другото, Невил.

По шест одиграни кола, Јунајтед се наоѓа на 12. позиција на табелата со само седум бода, а на трите меча на домашен терен има само една победа.