Невиден пресврт: Трајковски наместо во Лисабон оди во еден од најголемите европски великани?!

Откако угледен италијански новинар и експерт за калчолигашкиот трансфер пазар, Алфредо Педула вчеравечер најави речиси сигурен трансфер со четиригодишен договор на македонскиот репрезентативец Александар Трајковски во Спортинг Лисабон, сето ова може да се изјалови зашто во последен момент во трката за офанзивниот фудбалер се вклучил еден од најголемите европски великани – седумкратниот европски првак Милан.

Трајковски на маса има четиригодишен договор за да му се придружи на Стефан Ристовски во португалската престолнина и работата била речиси договорена. Македонскиот репрезентативец треба да биде замената за најдобриот играч на „лавовите“, Бруно Фернандеш, кој веќе извесно е дека за огромен трансфер ќе си замне.

„Веќе објавив дека Спортинг ќе го земе Трајковски, му понудил четиригодишен договор и сака брзо да ја заврши работата пред Бруно Фернандеш да си оди. Но, во последните моменти во трката влезе Милан. Причина? Трајковски е фудбалер надвор од ЕУ. Моментно Милан има две слободни места, но за да регистрира уште еден 'неевропеец' во тимот му треба да го пополни ростерот и така да добие дополнително место за следните операции во следните преодни рокови. Тоа би им дало дополнителна предност за други пазарни опции. Плус, Трајковски не е скапо засилување“, пишува Педула.

Според овој аналитичар и познавач на фудбалските прилики во Италија, денешниот ден би требало да биде ден Д, кога ќе се знае дали големината на Милан ќе биде попримамлива за Трајковски или македонскиот фудбалер ќе се реши за Португалија, каде многу повеќе би добил шанса да игра, во однос на изборот да дојде на „Сан Сиро“.