Несторовски поблизу е да остане во Палермо, отколку пак да игра во Калчо-елитата?

Првиот избор за напаѓач во националниот тим Илија Несторовски можно е да не заигра повторно во Калчо-елитата, најавија синоќа дел од сицилијанските медиуми, потенцирајќи дека во моментов, популарниот Несто-гол е многу поблизу до останување во Палермо, отколку до трансфер во некој калчолигаш.

Иако изминативе осум месеци, италијанските медиуми постојано најавуваа голем трансфер, потенцираа интерес од Торино, Фиорентина, Аталанта, Болоња, Удинезе, кој сега во последните денови од преодниот рок наводно и тргнал по реализација на трансферот, сето тоа веројатно само ќе остане на празни приказни.

Италијанскиот преоден рок завршува денеска до 20 часот и засега нема никакви најави дека Несторовски во последниот ден може да направи трансфер. Меидумите од Сицилија потенцираат дека сè освен интерес од Удинезе нема ништо за трансфер, ниту конкретна понуда, иако дел од медиумите објавуваа обид да се земе Несторовски на заем со опција за откуп или наводната понуда од пет милиони евра за двоецот на сицилијанците Мако Јајало и Несторовски.

Проблем барем засега е тоа што Палермо не сака да се откаже лесно од Македонецот, а да не заработи добри пари, додека Удинезе не сака да даде толку, колку што бара Маурицио Ѕампарини. И кога ќе се додаде дека интересот на Удинезе не е толку реален, затоа што нема понуда, враќањето во Серија А е помалку реално од останувањето во Палермо. Сепак, до крајот на преодниот рок во Европа, не значи дека Несторовски не ни можел да си замине, исто како и фактот дека можеби денеска од „Фриули“ брзо ќе ја завршат работата за македонскиот центарфор.