Несторовски: Пет години никој не ми одбрани пенал, ама...

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски вчера промаши пенал за Палермо во ремито 1-1 кај Венеција, што е прва утка за прилепчанецот од белата точка во последните пет години.

Тој посочи дека во последните пет години, ниту еднаш не промашил пенал, а откако се вратил од повредата на тренинзите, остојано тренирал изведување на удари од белата точка и пак само погодувал. Но, сето тоа беше залудно, откако во 71-та минута во Венеција, неговиот удар го спречи противничкиот голман и не дозволи Палермо да се избори за победа. Несто-гол промаши при негатива од 0-1, а Унгарецот Пушкаш во финишот обезбеди реми.

„Во последните пет години никогаш не промашив пенал, ама... За жал се случи тоа во Венеција. Многу ми е жал, не зашто промашив јас, туку поради моите колеги кои се трудеа и играа“, вели Несторовски

Тој додаде дека лошо и слабо ја шутнал топката вчера, но иако е разочаран, посочи дека ова ќе му даде дополнителна сила, како и фактот дека навивачите стојат зад сицилијанскиот тим.

„Јас многу тренирам изведување на пенали, ги терам голманите да скокаат по топката, да пробаат да ми одбранат. Ниту една не успеваат да фатат, но сето тоа сега е залудно. Лошо шутнав, не силно како што знам и како што вообичаено тоа го правам. Силен сум и ќе го надминам ова. Разочаран сум, ама од друга страна ова ќе ми даде сила за го завршиме тоа што е зацртано како цел. Знам дека навивачите се зад нас“, додава Несторовски.