Несторовски: Моите деца решија дека треба да останам во Удинезе!

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски остана во Удинезе откако пред неколку дена ја продолжи соработката за една година со опција и за понатамошна соработка, па откри дека одлуката за негово останување на „Дачија Арена“ решиле – неговите деца.

Несторовски во Удинезе дојде во летото 2019 година како слободен играч од Палермо, кој во таа година банкротираше, но македонскиот центарфор во Удине не се изнаигра премногу, во изминатава сезона и премалку, но најмногу и поради тешката повреда и операцијата на лигаментите на коленото поради која го прошушти и Еуро 2020 и дебито со Македонија на големата сцена.

„Среќен сум што останав во Удинезе, што останувам во голем клуб и што после три години продолжувам со авантурата. Моите деца се најзадоволни, зашто кога ги прашав каде да одам, ми рекоа: 'Удинезе, Удинезе'! Тие сакаа да останам во Удине, тука ни е преубаво и затоа останав“, рече Несторовски.

Тој посочи дека е полн со енергија и желба да се бори за поголема минутажа кај новиот тренер Андреа Сотил, за кого вели дека исто така е полн со енергија која им ја пренесува, а големата конкуренција само го тера да работи уште понапорно.

„Повредата беше тешка и потоа тешко беше да се влезе во ритам, тешко е да се искачите во хиерархијата, но сега тргнуваме од почеток, полн сум со енергија и сакам низ тренинзите на тренерот да му покажам дека може да смета на мене. Првите импресии од тренерот Сотил се само позитивни. Има голема енергија и таа ја пренесува на нас. Има голема конкуренција, што само ве трера да работите понапорно. Целта е да освоиме 40 бодови што е можно побрзо и потоа да напредуваме, како што го сторивме во минатата сезона. Сите сме одлучни да имаме добра сезона и можеме сите многу подобро од лани“, додава Несторовски.

Тој потенцира дека сака да се врати во репрезентацијата за која нема настап од мечот соЛихтенштај во март лани (5-0), по што поради недоличен однос беше казнет да не игра во епската победа со Германија (2-1) и потоа се повреди, а после седум месечната пауза новиот селектор Благоја Милевски не го повикуваше зашто не беше во натпреварувачки ритам (премала минутажа).

„Секој фудбалер сака да игра за својата репрезентација. Но, не е само до мене, јас секогаш тренирам и играм за да се вратам. Дали ќе се вратам, ќе видиме“, посочи прилепчанецот.