Несторовски: Ако Палермо ми понуди нов договор – веднаш ќе го потпишам!

Македонскиот репрезентативен напаѓач Илија Несторовски не сака да си замине од Палермо, па за италијанските медиуми призна дека ако добие нов договор од актуелниот клуб веднаш ќе прифати и ќе остане да биде капитен и лидер на тимот.

Несторовски ја игра третата сезона во Палермо, една во Серија А и две во Серија Б, а сега со сицилијанскиот тим се бори за враќање во калчолигашката елита. Сезонава даде 12 гола на 22 меча, пропушти два месеци поради повреда...

„Ако Палермо ми понуди нов договор – ќе останам!“, кратко и јасно одговорил Несторовски на прашањето за иднината и дали планира да замине во некој друг европски тим.

Во изминатите повеќе од година ипол честопати популарниот „Несто-гол“ се поврзуваше со трансфер во европски, но и италијански клубови, но на крајот остануваше на Сицилија.

„Јас ги читам сите вести и тоа се само зборови, зборови, зборови... Еднаш ја загубив и капитенската лента, зашто сите мислеа дека ќе бидам продаден. Сè беше шпекулација“, додава Несторовски.

Додава и дека ентузијазмот и понатаму е негова главна одлика и дека со Палермо атакува на остварување на целта – да игра пак во Серија А.

„Го имам истиот ентузијазам, истите идеи, има заедничка почит во соблекувалната, искреност... Дури и се смеам кога ќе загубиме, за да ни падне моралот. Бројките не ме интересираат, целта е да играме во Серија А, а ако не успееме ќе бидам многу – несреќен“, додава Несторовски.