Нема крај на маките на Модриќ: Хрватот жестоко казнет за затајување на данок!

Најдобриот хрватски фудбалер Лука Модриќ никако да се откачи од проблемите со државните органи, па откако во Хрватска се најде на удар за „лажно сведочење“ во корист на Здравко Мамиќ, сега во Шпанија ќе мора да плати 1,2 милиони евра поради затајување на данок од 2012 година.

Според шпанските даночни власти, Модриќ затаил 1,2 милиони евра во годината кога дојде од лондонски Тотнем во Реал Мадрид, но проблематично е што Хрватот не ја одиграл целата година за „кралскиот клуб“, туку за осумте месеци минати во Лондон платил данок во Британија. Сепак, Шпанците си ја бараат целата сума, па поради ова Хрватот најавил жалба на одлуката за данокот.

Ова е втор случај за Модриќ со даночните власти, затоа што во периодот 2013 и 2014 година се товари дека затаил уште 800 илјади евра. Тој е последен во низата фудбалски ѕвезди кои имаа проблеми со данокот на Пиринеите, а пред него гитанска сума плати Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Марсело, Жозе Мурињо и сите добија условна затворска казна до две години, која според шпанските закони се преиначува во парична казна.

Инаку Модриќ е обвинет дека во Луксембург отворил фиктивна компанија под името Ивано и на неа ги префрлил комерцијалните имиџ-права и врз база на тоа во 2013 година затаил 290 илјади евра, а во 2014 година повеќе од половина милион евра.