Неапол бесен на Сари: Таблата во чест на „командантот“ тргната од градот под Везув (ФОТО)

Доаѓањето на Маурицио Сари на клупата на Јувентус со официјална потврда вчера на југот на Италија под Везув предизвика експлозија од бес, зашто миленикот на наполитанците преку ноќ станува – најомразена личност.

Сари во Неапол сите го почитуваа. Го нарекуваа командант. Дури и се радуваа на неговиот успех со Челси, а тој трофејот од Лига Европа им го посвети на наполитанците. Но, од вчера е крвен непријател. И колку болно под Везув го прифатија предавството најдобар доказ е уривањето на плакетата која стоеше во населбата каде Сари е роден.

Новиот тренер на Јувентус е роден наполитанец, беше тренер на Наполи три години пред да замине во Лондон. Во квартот Балјони стоеше плакета во негова чест, која сега ја нема.

„Овде е роден командантот Маурицио Сари. Наполитанците му благодарат на архитектот на убавината. Засекогаш наш – командант“, пишуваше на истата.

Но, таа повеќе ја нема, зашто навивачите експресно ја тргнаа. За нив ова е поголемо и поболно предавство од трансферот на Гонзало Игуаин во таборот на „старата дама“. Кој знае каков дочек му подготвуваат во првото дерби на „Сан Паоло“.