„Не се бориме за опстанок или за Европа - туку за Синиша Михајловиќ“

Фудбалерите на Болоња играат добро оваа сезона, пред се се мотивирани поради лошата здравствена ситуација во која се наоѓа нивниот тренер, Синиша Михајловиќ, а тоа го покажаа минатиов викенд кога ја победија Бреша со 4-3 и покрај тоа што губеа со 1-3.

Денеска следува дуел против Рома во домашното првенство што воедно ќе биде нова можност да се покаже вистинско лице и да се направи горд Михајловиќ.

Неговата болест нè погоди сериозно, па затоа има силна врска меѓу сите нас во клубот. Ние сме навистина уникатен тим и прекрасно е тоа што се чувствуваме толку поврзани. Сакавме да му дадеме пријатно изненадување на денешниот меч, изјави играчот на Болоња, Никола Сансоне за „Скај Спорт“.

На Михајловиќ му беше дијагностицирана леукемија во јули и веќе помина еден дел од хемотерапијата, но му беше дозволено да седне на клупата за првите два натпревари од сезоната.

Тој во моментов не е во можност да ја напушти болницата, но е подготвен да го следи денешниот меч со Рома преку видео-линк.

Го сакаме тренерот бидејќи е толку искрен, толку јасен и ја сакаме таа чесност. Ние се бориме не за опстанок или за Европа, туку за нашиот г-дин Михајловиќ. Тој дефинитивно не беше задоволен од нашето прво полувреме против Бреша, па моравме да го надоместиме тоа во второто полувреме, додаде Сансоне.