Не можеше подраматично: Атлетико му откина бод на Реал со гол во 95. минута (ВИДЕО)

Мадридските ривали Атлетико и Реал одиграа нерешено (1-1) во првото големо дерби во Ла Лига во новата сезона.

Дербито го одбележа прекинот што се случи на средината од второто полувреме кога домашните навивачи почнаа да фрлаат запалки кон противничкиот голман Тибо Куртоа затоа што тој претходно ги провоцираше, во моментите кога неговиот тим поведе со 1-0. Се што беше важно на овој меч се случи во второто полувреме кое место 45, траеше 56 минути.

Поведе Реал преку Едер Милитао во 64. минута откако Бразилецот го искористи нафрлувањето од Винисиус од левата страна. Само три минути подоцна дојде до спомнатиот прекин затоа што навивачите на Атлетико не можеа да преминат преку провокациите на Куртоа и фрлија запалки и ќеса со непозната содржина кон него. Се чинеше дека Реал, сепак, ќе дојде до триумфот бидејќи во судиското продолжение имаше водство, но домашните не се предадоа до крај.

Во петтата минута од продолжението Кореа доби една топка, успеа да го издрибла Куртоа, Милитао малку му помогна и тој ја затресе противничката мрежа. Во прв момент, помошниот судија го поништи голот поради офсајд, но по прегледување на снимката беше утврдено дека нема такво нешто и Атлетико израмни. За возбудувањата да бидат комплетни се погрижи Љоренте кој доби црвен картон поради жесток старт.

Овој резултат најмногу ѝ оди во прилог на Барселона која ја задржа предноста пред ривалите иако таа сега во однос на Реал изнесува три бода.