Навивачите на Шалке бараат клубот да го откупи Чурлинов од Штутгарт!

Навивачите на германскиот гигант Шалке 04, седумкратен германски првак и бивш освојувач на Купот на УЕФА ја притискаат управата на клубот да го откупи македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, кој сезонава ја игра на заем од Штутгарт.

Чурлинов (21) сезонава има 20 настапи за Шалке и вкупно 1,104 минути во кои даде два гола и запиша четири асистенции, но не е стандарден првотимец, ама поради големата енергија многу брзо го засакаа навивачите, инаку браќа со вардаровите Комити, па сега од управата бараат како знаат и умеат да се обидат да го задржат офанзивното крило.

„Задржете го Дарко, неговата посветеност и енергија да се бори за секоја топка, посебно приврзаноста со навивачите, покажува дека е сто отсто Шалке. Јас се надевам дека ќе го задржите“, вели еден од приврзаниците на клубот од Гелзенкирхен.

„Како знаете, задржете го Чурлинов. Досега не сме виделе таква посветеност и такви чувства кон клубот од фудбалер кој е на заем“, додава друг навивач.

Чурлинов во Шакле дојде од Штутгарт, но „швабите“ уште зимоска објавија дека немаат намреа да се откажат од македонското крило и дека ќе го вратат назад после завршување на сезоната. Но, ситуацијата сега е поинаква и шансите Чурлинов да остане во Шалке се поголеми, од причина што Штутгарт може и да испадне од Бундеслигата, а Шалке е на чекор до промоција во германската елита.

Штутгарт моментно со 29 бода е трет одзади и во позиција за бараж, ама само два бода пред Арминија Билефелд на две кола до крајот на сезоната. Шалке, пак, е прв во Цвајта со 59 бода, два пред Дармштад и Вердер Бремен на две кола до крајот.