Навивачите на Јунајтед со масовен протест ќе побараат заминување на Глејзерови

Навивачите на англискиот великан Манчестер јунајтед планираат со масовен протест да им упатат силна порака на газдите од семејството Глејзер и да побараат нивно заминување од клубот, на мечот на 1 јануари на „Олд Трафорд“ против Вулверхемтон, откако во 58-та минута од мечот ќе го напуштат култниот стадион.

Навивачите веќе подолго време не се задоволни од работата на раководството и од газдите, па на последната бламажа предвреме го напуштија „Олд Трафорд“, а сега со најава за следниот меч, ќе го продолжат масовниот протест и практично ќе ги остават фудбалерите во завршните половина час да играат буквално пред празни трибини.

И не случајно е одбрана 58-та минута, зашто има симболика. На тој меч треба да се одбележи годишнината од минхенската катастрофа, која се случи во 1958 година и најголем дел од екстраталентираниот тим на Мат Безби загина во авионска несреќа на враќање од Белград. Навивачите со тоа сакаат да го постигнат максималниот ефект за да испратат порака дека клубот оди во надолна линија и дека раководството катастрофално го раководи клубот.

Јунајтед во средата загуби дома од Барнли, првпат по 58 години, што е последна катастрофа за клубот во оваа турбулентна сезона во која веќе имаат над 30 бода заостаток зад нивниот најголем ривал Ливерпул. Глејзерови го имаат клубот од 2005 година, кога го купија за 750 милиони фунти, а во последно време се најавуваше дека саудискиот принц престолонаследник Мохамед Бин Салман планира да го купи клубот за шест милијарди фунти, но засега нема ништо од таков договор за преземање на „црвените ѓаволи“.