Навивач на Форест ќе мине шест месеци во затвор за напад врз противнички фудбалер!

Навивач на англискиот второлигаш Нотингем Форест денеска беше осуден на затворска казна во траење од шест месеци поради физички напад врз противнички фудбалер по завршувањето на реванш-дуелот од полуфиналниот бараж за влез во Премиерлигата против Шефилд Јунајтед.

Станува збор за Роберт Бигс, сопственик на сезонски билет за натпреварите на Нотингем Форест, кој во вторникот вечер со глава го удри капитенот на противникот, Били Шарп, кој не настапи поради повреда и кој стоеше покрај теренот. Инцидентот се случи кога навивачите на домаќинот втрчаа на теренот, откако нивниот тим триумфираше на пенали со 5-4 и обезбеди пласман во финалниот бараж.

„Инцидентот што го предизвикавте беше смислен чин на агресија, дури и ако не бил сторен со предумисла. Ова е толку сериозно што мора да се изрече затворска казна. Го удривте Шарп со главата, додека тој гледаше на другата страна и воопшто не можеше да го избегне нападот“, ја образложи пресудата судијата Грејс Леонг.

Нотингем Форест за последна пречка пред враќањето во Премиерлигата ќе го има составот на Хадерсфилд и тоа на 29 мај на „Вембли“.