„Нашиот“ Кулушевски стигна во Торино: Роналдо го ценам, но идол ми е - Дибала!

Шведскиот фудбалски репрезентативец со македонско потекло, Дејан Кулушевски, денеска го даде првото интервју како фудбалер на Јувентус, тим за кој потпиша на почетокот од годината по што остана да игра како позајмен фудбалер во Парма.

Тој откри на кого најмногу му се одушевува во таборот на шампионот и што очекува од својот престој во Јуве.

„Ќе биде и неверојатно искуство да се игра во ист тим со фантастичниот Роналдо, но мој идол е Паоло Дибала. Дојдов во Јуве да напредувам, а се надевам дека еден ден ќе се радувам на трофејот во Лигата на шампионите со мојот нов клуб“, изјави меѓу другото Кулушевски.

Македонскиот Швеѓанец, кој беше прогласен за најдобар млад играч во Италија, сезоната ја заврши со 10 гола и осум асистенции и има статистика како ниту еден друг фудбалер на возраст од 20 години во Топ-5 лигите.