Наполи негира дека Инсиње ги пцуел Елмас и соиграчите

Наполи вчера испушти победа на гостувањето кај Сасуоло буквално во последната секунда, откако Костас Манолас направи пенал. 

Домаќините реализираа за 3-3 и главниот судија веднаш досуди крај на натпреварот. Камерите го уловија капитенот на Наполи, Лоренцо Инсиње како нервозно пцуе крај теренот. Од нервоза дури и удри едно рекламно пано при влегувањето во тунелот на стадионот „Мапеи“.

Дел од италијанските медиуми брзо објавија вест дека Инсиње всушност ги пцуел соиграчите што дозволиле ваков финиш на натпреварот и наводно влегол во вербална расправија со нив во соблекувалната.

Денеска на овие написи официјално реагираше и Наполи.

„Во врска со написите кои ги објавија дел од медиумите, истакнуваме дека нема никаков проблем помеѓу капитено Лоренцо Инсиње и останатите играчи. Нервозата на играчот во последните моменти од натпреварот беше само поради конечниот исход“, соопштија од Наполи. 

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 67-та минута од натпреварот и за прв пат играше на нова позиција, како најистурен во нападот. Џенаро Гатузо нема многу избор во нападот по повредите на Андреа Петања и Виктор Озимен.