Наполи на „мускули“ против Џенова, Лацио повторно киксна (ВИДЕО)

Наполи успеа да го валоризира кискот на Јувентус од вчера против СПАЛ по вечерашниот тежок триумф на домашен терен против Џенова со минимални 1-0 во рамки на Серија А. 

Стрелец на екстремно важниот погодок за „наполитанците“ во борбата за скудетото беше дефанзивецот Раул Албиол во 72-та минута од дуелот. Македонскиот репрезентативец Горан Пандев играше на „Сан Паоло“ до 67-та минута, кога беше повлечен од игра, а на негово место влезе Лука Ригони. Наполи сега има два бода помалку од лидерот на табелата Јувентус.

Лацио три натпревари не знае за победа и полека ја губи трката за пласман во Лигата на шампиони. Момците на Симоне Инзаги вечерва на „Олимпико“ одиграа само 1-1 против Болоња. Симоне Верди ги доведе гостите во водство во третата минута, а Лукас Леива израмни во 16-тата минута и тоа се покажа како конечен резултат. Интер сега е на четвртата позиција со 55 бодови, додека Лацио сега има еден помалку на петтата позиција.