Наполи го сака Ибрахимовиќ, а му нуди „смешна“ плата – само двојно повеќе од Елмас

Не е тајна дека Карло Анчелоти го сака Златан Ибрахимовиќ во Наполи, а првиот човек на наполитанците Аурелио Де Лаурентис тргнал да ја обезбеди големата шведска ѕвезда како засилување во јануари, кога практично Швеѓанецот ќе биде слободен играч откако ќе му заврши договорот со ЛА Галакси.

Ни Ибрахимовиќ не крие дека сака да дојде во Неапол, но проблем се сериозните разлики во финансиските побарувања на Ибрахимовиќ и тоа што Де Лаурентис му го понудил на Швеѓанецот. Според „Газета дело Спорт“, Мино Рајола, контроверзниот менаџер на Ибрахимовиќ сега ќе има полни раце работа за да го убеди и својот клиент, но и Наполи за некаков договор.

Проблемот е што Ибрахимовиќ за година ипол од Наполи бара вкупно 7,5 милиони евра. Тоа значи пет милиони од сезона, колку што има во ЛА Галакси. Од друга страна, Наполи му нуди „смешна сума“ - двојно повеќе пари од тоа што зема македонскиот бисер Елиф Елмас. Значи понудата на Наполи е три милиони по сезона за следната, а 1,5 милиони за полусезоната откако би дошол во јануари.

Идејата на Де Лаурентис е дека ако Ибрахимовиќ навистина сака да дојде под Везув за да покаже дека и на стари години е „најдобар“ и класа за Серија А, ќе прифати да игра и за помалку пари. Останува да се види дали самобендисаниот Швеѓанец ќе му стане соиграч на Елмас во Неапол.

Ибрахимовиќ е поранешен фудбалер на Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Милан, Барселона, Пари Сен Жермен и Манчестер јунајтед, а во моментов го завршува договорот со американски ЛА Галакси.