На 24-годишен репрезентативец на Велс му е дијагностициран рак

Фудбалерот на Бормут и велшката репрезентација Дејвид Брукс денеска објави дека е болен од рак.

Неговата точна дијагноза е Хоџкинов лимфом, но младиот 24-годишен фудбалер е оптимист. Тој се надева дека ќе ја победи болеста и дека наскоро ќе се врати на терените. Брукс минатата недела заминал на репрезентативни обврски за селекцијата на Велс и по направените медицински прегледи му е откриен ракот. 

„Иако оваа информација дојде како шок за мене и моето семејство, прогнозата е позитивна и сум уверен дека целосно ќе закрепнам и ќе се вратам на теренот што е можно побрзо“, соопшти Брукс. 

Тој е дел од Бормут од 2018 година, а претходно играше за Шефилд јунајтед. Потекнува од младинската академија на Манчестер сити. За репрезентацијата на Велс досега одигра 21 натпревар.