Мусовски е главен во Лос Анџелес - со атрактивен лоб го реши градското дерби! (ВИДЕО)

Момчето кое неодамна прифати да игра за македонската фудбалска репрезентација, Даниел Мусовски покажа зошто заслужи повик од селекцијата. Македонскиот напаѓач е главен во Лос Анџелес, откако денеска постигна гол за триумф на неговиот тим во градското дерби против Галакси од 2-0.

Лос Анџелес доминираше во мечот против нивниот градски ривал Галакси, а најдобрата шанса ја доби Мусовски во 58. минута кога успеа да го префрли голманот и да ја затресе мрежата за водство од 1-0.

Македонскиот напаѓач го напушти теренот во 70. минута кога беше заменет од Рајт-Филипс, а неговиот тим до крајот на натпреварот постигна уште еден гол преку Карлос Вела во судиското надополнување за конечни 2-0.

Лос Анџелес се наоѓа на четвртата позиција во Западната конференција на МЛС-лигата, а Мусовски стигна до бројката од пет погодоци сезонава.

Мусовски е роден во Хендерсон, Невада (САД) на 30. ноември 1995 година. Кариерата ја почна во 2014 година во Лас Вегас Мобстерс. Пред да пристигне во Лос Анџелес, инаку еден од најдобрите тимови во МЛС, играше уште и за Барлингејм Драгонс, Таксон Сан Хозе Ертквејкс и Рено 1868 каде на 40 натпревари даде 16 гола.