Мурињо: Фудбалот го губи шмекот и убавината!

Контроверзниот португалски менаџер на Тотнем, Жозе Мурињо посочи дека фудбалот полека почнува да ја губи убавината и шмекот поради ВАР-технологијата, чии контроверзни одлуки практично го туркаат фудбалот во спротивен правец, па стравува дека иднината на „убавата игра“ нема да биде така убава како во минатото.

Мурињо реагираше на одлуката ВАР да го поништи голот на Хери Кејн за 1-1 во поразот на неговиот тим кај Шефилд јунајтед со 1-3, по што лондончани полека ја губат битката за место во Лигата на шамппионите.

„Јас сум професионалец и професионално се однесувам на клупата во моментов и не реагирам кај човекот со свирчето, зашто повеќе и нема судии во фудбалот. Тука е почетокот на сиот проблем. Веќе немаме судии, како главни со свирче на теренот, туку имаме луѓе скриени во 'канцеларија' кои кажуваат сè. Мислам дека се повеќе одиме во спротивен правец и тоа не е добро за фудбалот. Повеќе не е ова фудбал кој сите го сакаа и беа заљубени во него. Ако вака продолжиме, фудбалот сè повеќе ќе ја губи убавината, а и шмекот, а љубителите на играта се помалку ќе ја сакаат“, вели Мурињо.

Португалецот не е првпат како реагира на ВАР, а поддршка има скоро од сите менаџери во Англија кои негодуваат на низа спорни одлуки на вар-технологијата, најчесто при микроскопски офсајди и правилото за игра со рака.